Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Локалните избори ќе се оддржат во март наредната година, но политичките партии наголемо си ја мерат популарноста и ја започнаа битката за добивање на што повеќе гласови.
Во двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ интензивно се работи на терен и се мобилизира членството, а истовремено се анимираат и нови луѓе во нивните редови.
Претседателот на општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ, Мирослав Стојановски, вели дека подготовките сеуште се во почетна фаза и работат на тековни активности, но анкетите се во тек.
Интерни анкети се прават во Скопје. Податоците се тајни и не се објавуваат никаде. Тоа се прави за да се измери рејтингот на политичарите. Партијата си има механизми кои нудат решение. Сеуште не е дефинирано кои ќе бидат кандидатите, а потенцијални кандидати секогаш има. Обично се во игра по 5-6 луѓе. Се гледаат повеќе фактори, а еден секако е рејтингот кој кандидатот го ужива меѓу народот. Се решава во централниот комитет на партијата, а од овде може да има само некоја консултација, но одлуката се носи од Скопје - рече Стојановски.
Неофицијално, кандидати за градоначалничката позиција се пратеникот Јордан Пачков, секретарот на Собранието Жарко Денковски, хирургот Зоран Георгиевски, советникот Стефан Трајановски и претседателот Мирослав Стојановски.
Од СДСМ велат дека и кај нив се прават партиски анализи, кои ќе ја утврдат популарноста на локалните политичари. Врз основа на тие резултати ќе се одреди фронтменот на нивната партија за изборите.
Што се однесува до кандидатот за градоначалник и советничката листа, СДСМ секогаш имало што да понуди. За тоа сведочи и успешната работа на досегашниот градоначалник Зоран Дамјановски во изминатите два мандати. Ни од страна на централното партиско раководство, ни на локално ниво уште немаме официјални листи и имиња. Но, во најскоро време очекуваме и официјално да се промовира кандидатот за градоначалник од нашите редови, кој најмногу ја заслужил довербата на граѓаните на Куманово - вели Снежана Захариева претседателка на општинската организација на СДСМ.
Градоначалникот Зоран Дамјановски веќе призна дека очекува уште еден мандат, а за прв човек на градот се споменуваат и претседателот на Советот Виктор Цветковски, пратеникот Оливер Спасовски и претседателката Свежана Захариева. Тие се нашле и на анкетата што СДСМ ја нарачала, и била спроведена меѓу граѓаните.
Од помалите партии велат дека сеуште е рано да го мерат рејтингот и дека последните 6 месеци пред изборите ќе почнат да излегуваат на терен.